Сите верзии на популарниот кросовер на Volkswagen добиваат освежување – кое вклучува козметички, но и технолошки измени.
Освежувањето започнува со новите предни светла и редизајнираниот преден браник. Моделите опремени со LED Matrix предни светла добиваат и хоризонтален LED светлосен елемент кој ги спојува, а оние кои се во пониско ниво на опрема исто така добиваат LED предни светла, но без Matrix технологија.
Забележуваме и нови светла за магла, ревидирани и дискретно затемнети задни светла со нова графика, како и нов заден браник. Од Volkswagen напоменуваат дека T-Roc добива и нови тркала во димензии од 16 до 19 инчи.
T-Roc добива и темелно-ревидирана кабина со поквалитетни и помеки материјали, но и нов 8-инчен дигитален инструмент панел и еден од три мултимедијални уреди со дијагонала од 6.5, 8 или 9.2 инчи. Мултимедијалните уреди поддржуваат безжично Apple CarPlay и Android Auto поврзување.
Во однос на технологиите, T-Roc добива и понови системи за асистенција – тука е IQ.Drive Travel Assist системот кој вклучува предиктивен адаптивен темпомат и понов Front Assist и систем за следење на коловозната лента.