Автомобили

Porsche Driving Experience – Porsche Road Tour 2023 Македонија

Речиси пред една деценија Porsche Македонија започна со организирање на сега веќе традиционалниот годишен настан Porsche Driving Experience што за своето времетрање од 4 дена им овозможува на клиентите на куќата, но и на автомобилските новинари можност во целодневно дружење да ги искусат моделите на брендот од Зуфенхаузен.

На овогодинешниот Driving Experience домаќините подготвија 10 различни примероци од својата „ергела“ преку кои најсоодветно се преставува спортскиот дух и луксузниот каратер на марката Porsche, која патем оваа година прославува 75 години од своето постоење.

Утрото започнува во Porsche Центарот во Скопје каде не дочекуваат домаќините и сертифицираните инструктори од компанијата со долгогодишно искуство во моторспортот. Нивната примарна задача е целиот настан да тече максимално безбедно, а воедно да се доживее оној „Porsche“ момент што остава неизбришлива трага кај секој вљубеник во автомобилите. Затоа на брифингот побараа од учесниците строго да се придржуваат до правилата на однесување во сообраќајот кои тие ги диктираат, Fair enough!

Стартуваме во колана која во оваа прилика предвидува возење на западниот дел од нашата земја каде што крајна дестинација ни е Маврово. Со цел да се искусат сите модели правиме ротации во возилата од групата, 5 од нив се во еден правец и уште толку на враќање кон Скопје.

Porsche Driving Experience - Porsche Road Tour Македонија 2023

Porsche 718

Тука веќе треба да ги објавиме имињата на овогодинешните десет протагонисти. Караванот е составен од два 718 модели, едниот е Cayman во Style Edition пакет со впечатлива Ruby Neo боја кој е задвижуван од основниот два литарски агрегат со  моќност од 300 КС што му овозможуваат да повлече до 100 км/ч за 4,9 секунди и да достигне максимални 275 км/ч.

Вториот член на семејстовто 718 е кабриолет изведбата Boxster GTS која има централно сместен 4.0 литарски шестчилиндричен атмосферски боксер агрегат со округли 400 КС. Во оваа конфигурација 100 км/ч се достигнуваат за само 4 секунди, а максималната брзина се искачува на 290 км/ч. Сепак, она што го прави препознатлив е резонантениот авук кој доаѓа во комбинација со високите вртежи, а кога сето тоа ќе се дополни со спуштен кров, едноставно прави да се чуствувате посебно. Со тешко срце може да кажеме дека ова е најверојатно последен пат како имаме прилика да ги возиме овие две изведби со мотори на внатрешно согорување, бидејќи веќе за следната година е најаено дека моделите со ознака 718 ќе бидат заменети со новоразвиени електрично погонувани изведби.

Семејство 911

Во таборот на 911 боите ги бранеа кабриолет изведбата со основниот агрегат што располага со „стартни“ 385 КС чии перформанси за основна моторизација не се воопшто за потценување. Моќноста доаѓа од 3.0 литарски турбо-боксер агрегат што овозможува забрзување до 100 км/ч за 4,4 секунди и крајна брзина од 290 км/ч.

Следи уникатната Targa изведбата која е опремена со идентична моторизација што во случајов нуди моќ од 450 КС, во поглед на забрзувањето до 100 км/ч потребни се само 3.8 секунди, а крајната брзина ја надминува границата од 300 км/ч. Тука погонот наместо само на задната осовина е на сите четири тркала што влева дополнително сигурност кога условите на патот не се нај идеални.

Porsche Driving Experience - Porsche Road Tour Македонија 2023

Последен од триото 911 е во најмоќното издане со значка Turbo S, која со своите карактеристики едноставно ги поместува сите граници. Имено, 3,6 литарскиот турбо мотор испорачува 650 КС кои силата ја пренесуваат преку автоматски PDK менувач на сите 4 тркла. Перформансите се еднакво импресивни, за забрзување до 100 км/ч се потребни само 2,7 секунди, додека стрелката на брзиномерот патува до максимални 330 км/ч. Зад управувачот на овој „ѕвер“ потребна и максимлана концентрација, се се случува со молскавично темпо, автомобил кој при секоја средба докажува дека е создаден ги поместува границите, приредувајќи „адреналински шок“ што едноставно ве остава без коментар.

Porsche на струја

На електричната страна на располагање ни беа ставени Taycan Turbo и Taycan 4S Cross Turismo, модели кои марката Porsche ја носат на следно ниво. Со својата електрична коњица од 680 КС моделот Taycan Turbo стигнува до 100 км/ч за 3,2 секунди и достигнува крајна брзина од 260 км/ч. Перформансите се на многу високо ниово, а нема да згрешиме ако кажеме дека делуваат многу поуверливо во реалност. Батеријата овозможува полнење со брзина од 270 kW, а опсегот што го испорачува се движи помеѓу 380 км и 450 км со 100% полна батерија. Со својот повишен клиренс и караванска форма Taycan 4S Cross Turismo преставува вистински семеен транспортер кој овозможува излети и вон асфалтната подлога. Капацитетот на батеријата дозволува радиус на движење помеѓу 360 км и 440 км. Двата електромотори располагаат со моќ од 530 КС кои го носат автомобилиот до 100 км/ч за 4 секунди и крајна брзина од 250 км/ч.

Најмалиот SUV во гамата на производителот пристигна во изведбата Macan S кој важи за еден од најзабавните примероци за возење во класата. Неговите перформанси ги обезбедува 2.9 литарскиот V6 агрегат кој располага со 380 КС што му овозможуваат забрзување до 100 км/ч за 4.8 секунди и максимални 260 км/ч. Како и изведбите на моделот 718, од наредната година и Macan ќе биде целосно електрифициран, со тоа што верзиите кои поседуваат мотори со внатрешно согорување ќе останат во понудата уште најмалку 2 години.

Panamera GTS Sport Turismo

Последен од групата беше моделот Panamera GTS Sport Turismo, вистинска перјаница од „олд скул“ ков. Задвижуван од 4 литарски V8 агрегат кој продуцира 480 КС му овозможува на преку 2 тона тешкиот автомобил да стигне до „стотка“ за 3,9 секунди и да го однесе до скоро 300 км/ч во секое време. Раскошните димензии и комфорот што го нуди кабинскиот простор го прави да биде идеален патен крстосувач на кои долгите автопатски делници му се природна средина.

Полни со впечатоци и покачен адреналин пристигнавме пред салонот на Porsche центарот во Скопје каде со тешко срце се збогувавме со автомобилите кои ни го испонија денот со сеќавања кои тешко се бришат. Дoвидување до следниот Road Tour!

 

ПРОЧИТАЈ ПОВЕЌЕ ОВДЕ!