Peugeot го откри новиот Panoramic i-Cockpit – има 21-инчен екран и ќе дебитира кај новиот 3008!
Најновата еволуција на иновативниот кокпит на Peugeot се вика Panoramic i-Cockpit и официјално ќе дебитира во Септември со новиот 3008 – првиот модел изграден врз STLA Medium платформата на Stellantis.
Ајде веднаш да зборуваме за најважното – новиот Panoramic i-Cockpit е изграден околу 21-инчен лебдечки закривен панел поставен над централната конзола. Важно е да се напомене дека ова не се два засебни дисплеи, туку еден 21-инчен дисплеј со многу можности за прилагодување на приказот.
Всушност, Panoramic i-Cockpit комбинира два засебни „екрани“ во закривениот дисплеј и според Peugeot токму оваа конфигурација овозможува кабината да добие 21-инчен панел со висока резолуција кој го комбинира панелот со инструменти и споредните функционалности. Целиот панел е насочен кон возачот и се прикажуваат важните информации кои се потребни при патување – брзината, системите за асистенција, движењето на енергијата, итн. Од другата страна – онаа на средишниот дел – се прикажуваат клима-уредот, навигацијата, мултимедијалните соддржини, итн.
Под овој панел е поставен i-Toggles екранот кој ги заменува физичките кратенки – и овој екран не само што ќе можете да го користите за брз пристап до најкористените функционалности, туку и да го персонализирате во согласност со вашите преференци. Нов е и управувачот кој и понатаму е компактен, но сега добива уште помодерен дизајн со намалено централно перниче и копчиња кои ќе го препознаат допирот на возачот, но ќе реагираат само кога ќе бидат притиснати со цел да се избегнат несакани команди.