Land Rover подготви освежување за својот најмал модел, но измените се концентрираат на кабината на Discovery Sport.
Отворете ја вратата и ќе најдете нов, закривен 11.4-инчен централно-поставен мултимедијален екран со најновиот Pivi Pro оперативен систем. Меѓу другото, најновиот Pivi Pro доаѓа со целосна интеграција со Amazon Alexa, Apple CarPlay и Android Auto.
Секако, измените не завршуваат таму – целосно е изменет контролерот за менувачот со што е ослободено многу повеќе простор на централниот гребен меѓу возачот и совозачот и достапна е голема нова остава во централната конзола.
Во однос на замената на физичките контроли со дигитални контроли преку мултимедијалниот екран, од Land Rover кажуваат дека со редизајнирањето „90% од функционалностите се достапни со само две допирања на екранот.“
Меѓу другото, дел од стандардната опрема е и целосно-дигитален инструмент панел, безжично полнење за мобилен телефон како и лопатки за менување брзини поставени на управувачот. Discovery Sport добива и нов Cabin Air Purification Plus систем за прочистување на воздухот кој според Land Rover доаѓа со систем за филтрација на ПМ 2.5 честички како и nanoe X систем од Panasoci кој „се справува со патогените и помага значително да се намалат несаканите мириси, бактериите и алергените“.
Дополнително, на купувачите им се достапни и нови материјали за кабината – тука е класичната Windsor кожа, но и Suedecloth материјалот како и Luxtec материјалот кој се добива од рециклиран микрофибер.