Третата генерација на најмалиот SUV на BMW пристигнува во време кога конкуренцијата е силна и многубројна, но како силни аргументи ги има високите технологии, моќниот и ефикасен турбодизел и карактеристичната баварска динамичност.
Најмалиот SUV на BMW влезе во својата трета генерација – и токму третата генерација со себе покрај дизајнерскиот исчекор, носи и значителни технолошки подобрувања. Сегментот во кој X1 се натпреварува е безмилосен, а конкурентите се докажани – па како се снаоѓа новиот баварски SUV?
Ајде прво за оние работи кои не ги гледаме. Новиот X1 го носи внатрешното име U11 и ја дели основата со одличните нови Серија 1 (која ја возевме на нејзин „домашен терен“ околу Минхен) и Серија 2 Gran Coupe (која ја возевме во Шпанија на интернационалната презентација, но потоа и тука во Македонија). UKL2 платформата е примарно со погон на предните тркала, но истовремено е доволно флексибилна за да може да интегрира и xDrive погон на сите четири тркала. Интересен новитет кај X1 е дека паралелно беше претставен и целосно-електричниот iX1 кој доаѓа со електромотор со моќност од 313 коњски сили како и батерија со капацитет од 64.7 kWh, која пак овозможува досег на електрична енергија од нешто над 400 километри.
Сето ова значи дека новиот BMW нуди X1 за сите потреби. Оние кои сакаат електричен SUV, можат да добијат електричен SUV. Оние кои сакаат плаг-ин хибриден SUV (кој патем, може да помине до околу 90 километри на електрична енергија) можат да добијат плаг-ин хибриден SUV. Оние кои сакаат лајт-хибриден турбо-бензинец или турбодизел – можат да го добијат тоа!
Кај X1 препознаваме засебен дизајн кој наметнува поинаков, младешки карактер
Океј, откако го расчистивме тоа, можеме да зборуваме за дизајнот. На прв поглед, новиот X1 изгледа како X5, но намален за околу 30-тина проценти. Но кога ќе загледаме подобро, препознаваме засебен дизајн кој пак наметнува поинаков, помладешки карактер. На предниот дел доминираат големата (но не преголема) маска на ладилникот околу која се поставени широките хоризонтални светлсни елементи, додека под нив се длабоките контури во долниот дел од браникот. Ако загледате убаво, ќе препознаете и активни аеро-елементи меѓу нив.
Профилот е карактеристичен за еден SUV, но конвенционалната дводелна форма е раскршена со растечката профилна линија и комплексните површини како на вратите, така и околу крилата.
Исто како и предниот дел, и задниот дел е комплексен и повеќеслоен, но вниманието највеќе го привлекуваат задните светлосни групи кои се навистина интересни.
Нагласено-тродимензионалната форма од една страна го дооформува задниот дел, а од друга страна навлегува длабоко во профилот на германскиот SUV. Тука е и нагласениот заден спојлер како и големиот заден браник.
Сè на сè – X1 успешно ја користи X5-во-мало формулата, но доволно ја менува за да изгледа препознатливо и самоуверено. Ни се допаѓа и Phytonic Blue бојата на нашиот тестен модел, но не ни се допаѓаат тркалата. BMW има поубави тркала во својата понуда.
Во кабината доаѓа до израз луксузот кој дури и најмалиот SUV на BMW го носи со себе
Одиме внатре! Ја отвораме вратата и нè пречекува кабина која е директно-инспирирана од големиот и супер-луксузен електричен BMW iX.
Пред возачот е поставен 10.25-инчен екран наменет за инструментите, додека на централната конзола е поставен уште еден со дијагонала од 10.7 инчи. Двата екрани се поставени позади едно парче закривено стакло и тоа ја создава илузијата на голем едноделен екран.
Ако еднаш сте седнале во поново BMW, брзо и лесно ќе се снајдете и во X1. Командите се генерално лесни за наоѓање и разбирање, но сепак има одредена крива на учење низ која ќе морате да поминете. BMW го следи трендот за интензивна дигитализација, па дури и контролите за клима-уредот се во централниот дигитален дисплеј. Веќе го нема ниту iDrive контролерот, но затоа BMW OS 8.0 прави работите да се прилично рационално распоредени, а доаѓа и со целосно безжично Android Auto и Apple CarPlay поврзување.
Но токму во кабината доаѓа до израз луксузот кој дури и најмалиот SUV на BMW го носи со себе. Материјалите и завршната обработка се на супер-високо ниво и скоро и да не забележавме цврсти пластики. Седиштата се супер-комфорни и се нагодуваат во мал милион насоки, па лесно се наоѓа комфорна и прегледна возачка позиција. Ова е фино и комфорно место за минување многу, многу километри.