Автомобили

ПРЕМИЕРА: Toyota го претстави целосно новиот C-HR!

Од Toyota кажуваат дека новиот C-HR е дизајниран да се истакне, а не да се скрие во метежот. Целосно-новиот C-HR за прв пат ќе се нуди со плаг-ин хибриден погон.

 

Пред неколку месеци Toyota ни го покажа C-HR Prologue, со кој го најави серискиот модел. Денес пред нас го имаме целосно-новиот C-HR кој воведува неколку многу важни новитети. И да, името сè уште значи Coupe High Rider.

На самиот старт, ајде да зборуваме за погоните. Новиот C-HR ќе се нуди со неколку различни погони, а основен во понудата и понатаму ќе биде 1.8-литарскиот хибрид кој сега системски испорачува 140 коњски сили. Скалило погоре е 2-литарскиот хибрид кој може да се добие со погон на предните или погон на сите четири тркала (и кој веќе го познаваме бидејќи веќе го возевме во Corolla Cross). На самиот врв е новиот плаг-ин хибриден C-HR кој комбинира 2-литарски бензинец со електромотор за вкупно 223 коњски сили и спринт до 100 километри на час за само 7.3 секунди. Според најавеното, можеме да очекуваме досег на струја од околу 65 километри со полни батерии.

Дизајнерски, новиот C-HR изгледа како да е концептно возило а не автомобил во сериско производство. Препознаваме дизајнерски детали од новиот Prius, но истовремено и детали кои директно ја поврзуваат минатата генерација со новата генерација на јапонскиот кросовер. Предниот дел е остар, профилот е динамичен и комплексен, а задниот дел го издвојуваат хоризонталните светлосни елементи и големиот спојлер. Рачките на вратите се „измазнети“ и се кријат внатре во каросеријата кога не се потребни – а сето тоа всушност кажува колку внимание е посветено на аеродинамиката.

Кабината добива 12.3-инчен дигитален дисплеј пред возачот и 8-инчен или 12.3 инчен дисплеј за мултимедијалниот уред. Со претставувањето на новиот C-HR, Toyota гордо истакна дека во овој сегмент воведува нови технологии кои досега не биле достапни – како пример за тоа го истакнуваат целосно-автоматскиот систем за паркирање кој се контролира преку мобилен телефон. Секако, тука се и другите системи – C-HR ќе нуди дигитален клуч, цела лепеза на системи за активна и пасивна безбедност, целосно hands-free возење во градски метеж и многу, многу повеќе.

На самиот старт, Toyota ќе лансира две Premiere Edition изведби на новиот C-HR – GR Sport Premiere Edition и High Premiere Edition. GR Sport добива спортска предна решетка, 20-инчни тркала, GR ознаки и специјална Precious Silver боја во комбинација со црн кров. Кабината добива Liquid Black детали, GR Sport спортски седишта, хед-ап дисплеј и JBL премиум аудио уред.
ПРОЧИТАЈ ПОВЕЌЕ ОВДЕ!