Автомобили

ПРЕМИЕРА: Новата Е-Класа Караван има багажник со капацитет од 615 литри!

Новата Mercedes-Benz E-Class Estate има огромен, супер-практичен багажен простор кој има капацитет од одлични 615 литри, односно дури 1830 литри ако ги преклопите задните седишта.

 

Mercedes-Benz не се откажува од караваните – и тоа е добра работа. Интересно, откако потврди дека производството CLS (и со тоа и CLS Shooting Brake) ќе заврши на крајот на Август оваа година, Mercedes-Benz на некој начин го заменува токму CLS Shooting Brake со новата E-Class Estate. Зошто? Па видете ја кровната линија на новиот караван, не ви изгледа како директен наследник на CLS Shooting Brake?

Сето тоа значи дека новата E-Class Estate добива поспортски и подинамичен дизајн, без притоа да е направен компромис во однос на практичноста и просторноста кои еден караван треба да ги понуди. Според Mercedes, новиот автомобил нуди повеќе кабински простор од автомобилот кој го заменува, иако багажниот простор со исправени задни седишта е незначително намален од 640 на 615 литри во однос на минатата генерација. Од друга страна, со преклопени задни седишта новиот караван нуди поголем багажен простор од моделот кој го заменува – дури 1830 литри!

Сепак, некаков компромис е направен во однос на багажниот простор доколку изберете плаг-ин хибридна варијанта на E-Class Estate. Во овој случај багажниот простор е (не баш незначителни) 460 литри со исправени задни седишта.

Кога сме кај плаг-ин хибридите, единствената плаг-ин хибридна опција во Европа ќе биде Е300е кој комбинира 2-литарски турбо-бензинец кој испорачува 204 коњски сили со електромотор кој испорачува дополнителни 129 коњски сили. Вкупната системска моќност од 308 коњски сили му овозможува на хибридниот караван да забрза до 100 километри на час за само 6.5 секунди, додека батеријата со капацитет од 25.4 kWH нуди автономија од 100 километри на електрична енергија.

ПРОЧИТАЈ ПОВЕЌЕ ОВДЕ!