Автомобили

Помоќен, поефикасен и технолошки понапреден – Peugeot го претстави освежениот 208!

Верувале или не, тековниот 208 дебитираше во 2019 – па Peugeot одлучи дека е време темелно да го освежи својот бестселер!

 

Ајде прво да зборуваме за дизајнот. Освежувањето започнува со редизајнираниот преден дел кој го добива истиот светлосен потпис како и 9X8 Hypercar (да, оној од Le Mans) кој веќе го видовме во одредена форма кај освежениот 2008. Овој светлосен потпис всушност го заменува едното дневно светло со три вертикални – кои пак дополнително го истакнуваат мотивот на лавја канџа кој е препознатлив за Peugeot.

Профилот е неизменет, но достапни се нови дизајни за 16 и 17-инчните алуминиумски тркала. Изменет е задниот дел кој добива нова LED линија и три црвени светлосни елементи кои повторно се тука да го потенцираат ефектот на лавја канџа. Сите верзии ќе доаѓаат со црни странични ретровизори, но 208 GT добива црни декоративни елементи околу крилата како и црн кров.

Новиот 208 ќе биде достапен во седум бои – Agueda Yellow, Selenium Grey, Artense Grey, Perla Black, Banquise White, Elixir Red и Vertigo Blue. Секако, освежениот 208 го добива и новото лого на Peugeot.

Уште потемелно е освежувањето во кабината, кое започнува со нови материјали за површините во ентериерот а продолжува со нов 10-инчен дигиталане панел со инструменти кој ќе биде стандарден на Allure и GT моделите.

Сите верзии добиваат нов 10-инчен централен мултимедијален уред со i-Connect, но дополнително ќе биде достапен и i-Connect Advanced. Без разлика кој систем ќе го одберете ќе добиете безжично Apple CarPlay и Android Auto поврзување, а Allure и GT моделите добиваат и три USB-C приклучоци, побрз безжичен полнач и нови паркинг камери со значително повисока резолуција.

Во однос на погонските опции, францускиот хечбек и понатаму е еден од најфлексибилните во сегментот. Понудата започнува со конвенционалните 1.2-литарски бензинци – едниот атмосферски со 75 коњски сили и 5-степен мануелен менувач, другиот со турбополнач, 100 коњски сили и 6-степен мануелен менувач.

Скалило погоре се новите хибридни погони кои го комибинираат 1.2-литарскиот PureTech турбо-бензинец со 100 или 136 коњски сили со 48-волтен систем. Овој погон се комбинира со e-DSC6 електрифициран автоматски менувач со двојна спојка во која е вграден електромотор. Според Peugeot, овој погон нуди намалена потрошувачка до 15%, но и овозможува повеќе од 50% од возењето во градски услови да биде на струја, односно без никаква емисија на штетни гасови.

Конечно, тука е и надградениот електричен погон на E-208. Овој погон добива батерија со капацитет од 51 kWh како и нов електромотор со моќност од 156 коњски сили. Според WLTP мерењата овој погон овозможува автономија од 400 километри Како и можност за брзо полнење од 20% до 80% за помалку од 25 минути – со доволно брз полнач, секако. Инаку, за полнење во домашни услови достапни се два вградени полначи – монофазен со моќност од 7.4 kW, како и трофазен со моќност од 11 kW.

 

ПРОЧИТАЈ ПОВЕЌЕ ОВДЕ!