Осмата генерација на BMW Серија 5 отсега е достапна и за македонските купувачи, откако пристигна во салонот во Скопје
По светската премиера пред неколку месеци, осмата генерација на Серија 5 сега пристигна и во продажниот салон на BMW во Скопје. Новата Серија 5 привлече големо внимание со својот дизајн за време на премиерата, пред се поради контроверзниот изглед, меѓутоа работите драстично се менуваат кога новата „петка“ ќе се погледне одблиску и во живо.
Веќе е познато дека новата BMW Серија 5 ќе се нуди со бензински и дизел агрегат, но и како целосно електричен i5. Конкретниот модел кој е изложен во продажниот салон на BMW во Скопје е 520d кој под хаубата носи 2,0-литарски турбодизел со 197 КС и 400 Nm.
Купувачите на македонскиот пазар ќе можат да изберат помеѓу погоре споменатиот агрегат, како и 520i и 530i варијантите кои нудат 208, односно 258 КС, а подоцна во понудата ќе се најдат и други модели. Сите модели со мотор на внатрешно согорување доаѓаат стандардно со новиот осумстепен Steptronic спортски менувач, вклучително и лопатки на управувачот и Sport Boost опција со M Sport пакетот.
Новата „петка“ пристигнува и со целосно редизајниран ентериер и со напредни технолошки решенија. Пред возачот се наоѓа инструмент кластер од 12,3 инчи што се вметнува во инфозабавниот дисплеј од 14,9 инчи, кој пак доаѓа заедно со најновиот оперативен систем iDrive 8.5 на BMW.
Почетната цена на новата Cерија 5 во Македонија изнесува 70.280 евра за 520d верзијата. За повеќе информации, посетете го продажниот салон на BMW во Скопје, или официјалната веб-страница.