Големиот електричен EV6 пристигна во салонот на Kia во Скопје и веќе е достапен за македонските купувачи.
EV6 веќе е успешен модел за Kia на глобалниот пазар – веќе се продава ширум светот, а минатата година беше прогласен за Европски Автомобил на Годината. Согласно на тоа – очекувањата се големи.
EV6 е поставен на E-GMP платформата на корејскиот гигант, која пак овозможува 400 или 800-волтно полнење. Овој систем овозможува полнење од 10 до 80 проценти за само 18 минути, а 100 километри автономија се добиваат со полнење од само 4.5 минути. EV6 добива и нов систем за одржување на температурата, кој му овозможува на електричниот автомобил да има 80% од автономијата која ја има при 25 степени, дури и при -7 степени.
На предниот дел вниманието оди кон светлосните елементи и нискиот браник со големи отвори за воздух. Профилот е низок и нуди интересна комбинација од форми на купе и хечбек, а „лебдечкиот“ кров ја нагласува современоста на EV6. На задниот дел вниманието оди кон големите, мулти-дименизонални светлосни групи, а целиот автомобил има интересна, несекојдневна форма која не е лесно да се „улови“ на фотографии. Особено добро изгледа и Moonscape Gray мат сивата боја – прави EV6 да изгледа како да е од друга планета.