G580 EQ може да достигне до 100 км/ч за 4,7 секунди, но Mercedes вели дека приоритет сепак биле „оф-роуд“ перформансите
Mercedes го покажа најновиот додаток во поставата на G-Класа, целосно електрична верзија на иконскиот Geländewagen на германската марка и првиот Mercedes ЕВ што ја користи новата стратегија за именување на компанијата. Наместо да ја добие значката EQG како што беше досегашната традиција, неговото официјално име е G580 со технологија EQ.
G580 EQ доаѓа со електричен погон со четири мотори кои произведуваат 588 КС, секој мотор со 147 КС и обезбедува комбинирани 1.164 Nm што овозможува луксузниот теренец да забрза од место до 100 км/ч за 4,7 секунди. Но, Mercedes вели дека „оф-роуд“ перформансите биле вистинскиот приоритет, и како резултат на тоа, G580 EQ може да ја надмине традиционалната G-Класа со погон на внатрешно согорување.
Секој од четирите мотори добива свој менувач со две брзини, има менувач со низок сооднос и на погонот на G580 не му требаат традиционални заклучувања на диференцијалот, па наместо тоа користи индивидуална контрола на моторот за да се справи со незгодни ситуации. Влечењето е толку добро што G580 EQ може да помине по наклон од 35 степени, а неговата батерија и компонентите на погонската единица се целосно запечатени, што му овозможува да помине низ 850 милиметри вода – импресивни 150 мм повеќе од G-Kласата со внатрешно согорување.
Една од најзначајните карактеристики кај електричниот теренец е G-Turn, што овозможува вртење на G580 во самото место. Потоа тука е G-Steering, што го врти автомобиилот околу едно тркало за драматично да го затегне кругот на вртење, како и режимот на ползење за минување на навистина тежок терен што може да ја намали брзината под темпото на одење.
Стилски карактеристики
G580 EQ изгледа доста слично како неодамна освежената G-Класа. Разликата е во решетката, репрофилираната хауба за подобрување на протокот на воздух и опцијата за претворање на држачот на резервното тркало на задната врата за складирање на кабелот за полнење. Теренецот е поставен и на истата основна „body-on-frame“ шасија, иако овде, батерискиот пакет од 116 kWh доаѓа од седанот EQS и е структурен член на шасијата, отстранувајќи ја потребата за вкрстено заградување и е заштитен со карбонски штитови.
G580 може да се справи со брзини на полнење од 200 kW и овозможува опсег на движење од од 470 километри. Тоа не е лошо со оглед на аеродинамиката и огромната тежина од 3.085 килограми, што е за 600 кг повеќе во споредба со G500 со внатрешно согорување.
Внатре, G580 EQ доаѓа со најновиот систем за инфозабава MBUX на Mercedes и амбиентално осветлување, а како опција со доплата се нуди влез без клуч, држачи за чаши со контролирана температура, Burmester 3D опкружувачки звук Hifi и проѕирниот систем на камери на хаубата.
Цената на целосно електричниот Geländewagen изнесува 142.622 евра во Германија во основната опрема, сместувајќи го помеѓу G500 и G63 со внатрешно согорување. Опционалниот AMG-Line пакет додава 20-инчни AMG тркала, облоги од нерѓосувачки челик и спортски волан со рамно дно, а купувачите можат и да го испратат својот G580 EQ на дополнителна персонализација преку програмата Manufaktur.
Како алтернативна опција, тука е специјалниот Edition One модел кој чини 192.524 евра.