Речиси незабележливото освежување носи и нова решетка и различен дизајн на тркалата, плус стандарден 10,25-инчен инфозабавен екран
Откако подготвија стилско освежување за Kona Electric, дизајнерите на Hyundai одлучија да му посветат внимание и на сега веќе тригодишниот Bayon, иако на прв поглед е тешко да се разликува старата од новата верзија.
Рака на срце, Bayon веќе го прикажа најновиот дизајнерски јазик на Hyundai, вклучително и обработка на предните светла на носот што вклучуваше пар тенки дневни светла. Она што го немаше, но го има сега, е светлосна лента со целосна ширина за поврзување на тие дневни светлла, исто како што ќе најдете на многу понови Hyundai модели. Има и некои суптилни промени на браниците и решетката што го намалуваат количеството на пластика во боја на каросеријата на предниот дел во корист на црна боја.
Ист е случајот и одзади – повеќе црна пластика и новообликувани светла за возење наназад во браникот – а купувачите ќе можат да изберат и една од четирите нови бои што Hyundai ги додаде во својата палета.
Внатрешноста на Bayon веќе делуваше технолошки напредна благодарение на 10,25-инчниот дигитален инструмент кластер што беше стандарден на некои пазари, но главниот екран за инфозабава беше прилично мал со своите 8 инчи, додека како алтернатива се нудеше поголемиот екран од 10,25 инчи. За 2024 година, големиот дисплеј е стандарден во целата гама, а Bayon на секој пазар ќе биде достапен со дигиталните инструменти. Системот за навигација може да прифаќа и надградби преку воздух.
И тоа е речиси сè што се однесува до фејслифтингот. Hyundai не ги спомена конкретно погонските агрегати, што значи дека купувачите на Bayon ќе продолжат да избираат од две верзии на истиот 1,0-литарски трицилиндричен турбо мотор. Основната опција произведува 100 КС и 172 Nm, додека помоќниот агрегат располага со 120 КС, иако вртежниот момент останува ист.
Сè уште нема информации за цените или датумот на продажба во Европа.